Во согласност со Уставот на Република Македонија иницијативата за донесување на закон до овластените предлагачи, може да ја даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија, меѓутоа, овластени предлагачи на законите се: Владата, секој пратеник во Собранието, и најмалку 10.000 избирачи. Законодавната постапка во Собрание се одвива во три фази (читања). Повеќе информации за законодавната постапка може да дознаете од „Прирачник за учество на јавноста во процесот на донесување закони“ и од шематскиот приказ.
Засегнатите граѓански организации може да ги искажат своите ставови и мислења особено во второто читање кога се врши разгледување на предлогот на законите во работните тела, и тоа преку подготовка на предлог-амандмани коишто може да ги достават до пратениците во Собранието, кои се официјални предлагачи на амандмани, како и да бараат учество на седници на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија.
Граѓанските организации и граѓаните не треба да се ограничуваат само на начините за вклучување во процесот на донесување на одлуките пропишани според Деловникот. Своите ставови и прашања во врска со одделни проблеми, можат да ги адресираат и до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, во чијшто делокруг на работа спаѓа и разгледувањето на дописите на граѓаните и заземањето ставови по истите.